Театарска претстава Смртта на Дантон

Театарска претстава „Смртта на Дантон“ од Георг Бихнер
Режија: Дино Мустафиќ

Продукија: НУ Албански Театар – Скопје, Македонија

Центар за култура Григор Прличев, 22.07.2018, 21:00 ч.

Цена на билет: 300 Денари

Георг Бихнер (1813 – 1837) ја напишал својата прва пиеса во 1835 г., во златниот период на германскиот романтизам, со неполни 22 години, а само две години пред да почине од тифус. Тоа била токму „Смртта на Дантон“.

И покрај револуционерните идеи, тој во оваа драма покажува и сомнеж за начинот на спроведување на револуционерните промени. Го поставува прашањето: кога престанува револуцијата? Токму поради тоа дејството во драмата се фокусира на периодот на владеењето и раздорот на самите револуционери. 

Суштината лежи во судирот меѓу Дантон и Робеспјер односно меѓу две различни сфаќања за тоа каква би требало да биде државата по спроведената револуција. Дантон од самиот почеток е прикажан како декадентен човек, склон на хедонизам, но неговите политички ставови се либерални и толерантни. Робеспјер пак, се колне во доблеста, за себе тврди дека има чиста совест, но ги убива сите кои размислуваат поинаку од него бидејќи, доблеста мора да владее со помош на терор. 

Поради тој егзистенцијален фатализам, поради таквото спознание на еден млад -20 годишен човек  оваа драма е толку нова и единствена. Покрај тоа „Смртта на Дантон“, поради користењето на богатиот документарен материјал и монтажата на цитатите и историските извори со авторската интерпретација на темата, во времето кога е напишана предизвикала многу контроверзии и ја чекала праизведбата повеќе од 60 години. Денес ова дело се смета за предвесник на т.н. документарен театар. 

Токму тој факт ни даде можност, но и обврска, со оваа претстава да проговориме за нашата современост. Економската криза нѐ  слабее, социјалните неправди се модус за животот на мнозинството – неолибералниот капитализам безмилосно ги гази нашите егзистенции не оставајќи ни излез, теророт на медиумите ги става на гилотина неподобните, но на хоризонтот не се гледа радикална општествена промена. Го поставуваме прашањето: дали денес револуција е воопшто можна? 

Жељка Удовичиќ – Плештина

Дино Мустафиќ дипломира на академијата за сценски уметности во Сараево отсек режија, како и општа книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Режира во многу театри и градови како што се: Париз, Софија, Белград, Тирана, Љубљана, Скопје, Приштина, Подгорица и мн. други. Неговите претстави се изведувани ширум светот на различни јазици и имаат освојувано награди на многу домашни и меѓународни фестивали. Претставата „Хелвеовата ноќ“ на Камерниот театар 55 влезе во историјата на Босанско Херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 меѓународни признанија.

 Режирал над 80 претстави на класични и современи писатели. Снимал повеќе документарни филмови со кои бил на реномирани фестивали за документарен филм, Монтреал , Амстердам, Истамбул и др. 

Драматург: ЖЕЉКА УДОВИЧИЌ -ПЛЕШТИНА

Сценаграф: ДРАГУТИН БРОЗ

Костимограф: ИНЕС ГОЉА 

Улоги: 

Жорж Дантон – РЕФЕТ АБАЗИ

Робеспјер – ЛУРАН АХМЕТИ

Сен-Жист – Г’ЗИМ ЖЕРКА

Камиј Демулен – ФИСНИК ЗЕЌИРИ

Лежандр/Барер – МУЗБАЈДИН ЌАМИЛИ

Лакроа –  ОСМАН АХМЕТИ

Филипо – ХАМДИ РАШИДИ

Еро Сешел – ГЕНЦИ МИРЗО

Жили  – АМЕРНИС ЈОВАНОВСКА – НОКШИЌИ

Лусил – АИДА ЕЛЕЗИ

Лафлот – МЕНТОР КУРТИ

Мерсие – ИЛИР РЕЧИ

Ерман – СОКОЛ ХАЈРУЛАИ

Шомет – АСДРЕН СЕЛИМИ

Фукие – Тенвил – БЕСФОРТ ИДРИЗИ

Коло д’Ербуа – БЕРАТ МАХМУТИ

АЈШЕ УСЕИНИ, АРИАН ЕЈУПИ, ФАТОН ИБРАХИМИ, КУЈТИМЕ АХМЕТИ, ТАУЛАНТ ДЕСТАНИ. 

Претставата е наменета за целата публика!