МУЗИЧКА РАСКРСНИЦА

Концерт „МУЗИЧКА РАСКРСНИЦА“

22 јули (среда), 19:30 часот, Факултет за ликовна уметност – Сули ан 

Страшо Темков – флејта, Жужана Ѓурина – флејта и Елена Атанасовска – Ивановска – пијано

ПРОГРАМА

Г. Коларовски – „Сам“ Езгија за соло флејта

Ф.Фаркаш – „Сонатина“ за флејта и пијано

- Allegro

- Andante

- Allegro

С. Петровски – „Andante“

Ф. Лист – „Љубовен сон“ бр.3

Т. Зографски – Инвенција „Сиринкс“

Б. Барток -  „Романски танци“

К.Костов – „Не си го продавај Кољо“

Ф.Доплер – „Andante“ и „Rondo“ oп. 25

Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација чијашто многустрана дејност ја зацврстува традицијата на уметничката музика во земјава, промовирајќи ја интерпретацијата на дувачките инструменти толку карактеристични за ова поднебје.Со Музиката како животна определба  започнува  уште на најмлади години и понатаму ги поминува сите скалила за  формирање на врвен музичар-интерпретатор.  Факултетот за музичка уметност во Скопје, последипломските студии на Музичката Академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во текот на студирањето Страшо Темков соработува со реномираните уметници и педагози од Европа и светот. Одличната школа се потврдува со стекнување на бројни награди на републичките и сојузните – во рамките на поранешната СФРЈ – натпревари на млади уметници. Од 1991-2010 година во Македонската филхармонија неговата флејта станува своевиден „препознатлив знак“ на оваа институција: како прв флејтист на Филхармонијата тој редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри (Македонска Филхармонија, Хо Ши Мин -симфонискиот оркестар,Француско-американскиот камерен оркестар, Нишкиот –симфониски оркестар,Камерниот оркестар на Македонската Филхармонија ,Македонскиот камерен оркестар,Аморозо камерен оркестар,Лејдис -камерен оркестар и др.), солист со многубројни рецитални програми, член на реномираниот „Македонски дувачки квинтет„ трио “Аура “и други камерни состави. Страшо Темков настапува на реномирани музички фестивали во земјава и странство: „Охридско лето“, “Есенски музички свечености“,„Скопско лето“, „Денови на македонска музика“,“Хераклејски вечери“,”Арт Аполониа”-“ Салон на уметноста”-Софија Р.Бугарија,” НИМУС” ,”ЛЕДАМУС”- Србија,”Еспресиво”-Цетиње,”Барски љетопис”-Бар,Меѓународен фестивал за камерна музика”-Никшиќ Ц.Гора,”Башчаршијски ноќи”-Сараево БиХ,”Макарско лето“,Загреб,Ријека,Осјек, Прелог-Р.Хрватска, Италија, Франција ,Англија, Германија, САД и др., а се вбројува меѓу малкуте македонски уметници кои настапиле во “КАРНЕГИ ХОЛ”-ЊУЈОК САД - една од најпрестижните светски концертни сали. Репертоарот на Страшо Темков ги опфаќа периодите од Барок до современата музика, а забележлив е неговиот стремеж за промовирање на нови дела – како на светската литература за флејта, така и на домашното музичко творештво.Тој има издадено два компак диска во соработка со пијанистката Марија Вршкова во продукција на“ МММ“ и “ДКУ-СКОПСКО ЛЕТО“.

Покрај уметничката дејност, Страшо Темков активно се бави со педагогијата.  Тој е професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ментор на студентите на додипломските и магистерските студии. Очигледни се резултатите на неговата педагошка дејност, неговите студенти освојуваат престижни  награди на натпреварите за млади музичари,настапуваат со самостојни рецитали и како солисти со оркестри,основач  е на квартетот флејти„АУЛОС“,  тој е редовно покануван   да биде член на жири на домашни и меѓународни натпревари . Страшо Темков 2017г.е добитник на престижната награда “ Златна Лира“што ја доделува Здужението на музичките уметници на Македонија,за врвни уметнички достигнувања. Тој е  на врвот на својата професија , уметник со впечатлив  стил на интерпретацијата . 

Жужана Ѓурина го стекнала своето музичко образование во Печ, Унгарија, каде што дипломирала на Универзитетот во Печ во класа на Проф. Жужа Зселенди. Уште во средношколските денови покажала интерес за раната музика и учествувала на бројни семинари и мастеркласи. Од 1998 до 2004 година работела како професор по флејта во музичкото училиште „Фаркаш Ференц“ и во средното училиште за танц и музика во Печ. Од 2002 годинаа таа свири на инструментот барокна флејта, која е изработена од Рудолф Тутз. Во 2003 година се запишала на Конзерваториумот во Виена каде изучувала флејта на одделот за „рана музика“ со Рајнхард Цзаж и Лучијано Контини. Во учебната 2004-та и 2005-та година Жужана ги продолжила своите студии на „Кралскиот конзерваториум“ во Брисел, во класата на Бартолд Куијкен и Франк Теунс, каде дипломирала со почести. Oд 2006-та до 2009-та година продолжила на пост-дипломски студии на „Кралскиот козерваториум“ со стипендија на Фламанската влада. Во тој период го основа ансамблот за рана музика „Елиптика“. Жужана настапувала со бројни ансамбли за барокна музика, меѓу кои и со: „Орфео“ оркестарот од Будимпешта, камерниот оркестар на Будимпешта, “Musica Rivelata”, ”Solamente Naturali”, „Хајдн Симфониета“ од Виена и со барокниот камерен оркестар на „Кралскиот конзерваториум“ од Брисел. Активно работи како наставник по музичко, и го пренесува унгарското музичко наследство насекаде низ светот, каде што ја носи дипломатскиот пат. 

Пијанистката Елена Атанасовска - Ивановска е една од најуспешните и најафирмирани македонски уметници, издвојувајќи се со нејзиниот префинет звук и елегантен израз, но и нејзината огромна продуктивност, евидентна по големиот број на настапи во Македонија и надвор од неа. Елена настапувала како солист и камерен музичар во Грција, Република Србија, Бугарија, Русија, Америка, Шпанија, Италија, Португалија, Франција, Босна и Херцеговина, Косово, остварувајќи бројни концерти во рамките на домашните реномирани фестивали „Охридско лето“, „Скопско Лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на Македонска музика“, „Битолско лето“, „Гевгелиска есен“, но и фестивали надвор од земјава, како, „Сараевска Зима“ – Босна и Херцеговина, „Festival de Musica do palacio da Bolsa“ - Португалија, „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ – Шпанија, „Guarnerius, Centar lepih umetnosti Jovana Kolundzije“, „Carniarmonie“ итн. Како камерен музичар Елена редовно настапува со македонските уметници како: пијанистката Марија Ѓошевска, обоистката Гордана Јосифова - Неделковска, баритонот Горан Начевски, кларинетистот Ристо Ѓоревски, но истовремено забележителни се нејзините настапи со реномирани странски уметници: кларинетистот Сергеј Петров (прв кларинетист во Болшој театар), кларинетистот Јан Јакуб Бокун (професор на музичката академија во Вроцлав, Полска), сопранот Тери Роудс (САД), сопранот Зана Абази (Косово) и други. Таа исто така бележи и настапи како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија. Елена исто така активно остварува аудио записи. Покрај компакт дисковите реализирани во соработка со пијанистката Марија Ѓошевска и кларинетистот Ристо Ѓоревски во Република Македонија, таа непрекинато снима како соработник на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S, а има издадено и компакт диск со музика од шведската кралска династија Бернадот за полската продукциска куќа DUX. Елена започнува да учи пијано во класата на Лепа Мрмевска, а дипломира со највисока оцена CUM LAUDE на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на еминентниот пијанист и педагог, Борис Романов, во чија класа ги завршува и постдипломските и докторските студии. Со докторскиот труд „Застапеноста на Биофидбек методата какао начин и средство за подобрување на музичките перформанси кај студентите по пијано во Р.Македонија“ се стекна со степенот Доктор на науки. Во текот на музичкото образование, таа се здобива со повеќе први награди на државните натпревари, како и многубројни награди на меѓународни натпревари во Италија, Бугарија, Србија. Таа исто така учествува на пијано семинари и мајсторски курсеви кај: Б. Романов, А. Валдма, Ј. Михаиловиќ, М. Молова, Н. Макарова, Љ. Рошчина, С. Доренски, А. Бондурјански... Елена Атанасовска – Ивановска е доцент по корепетиција практика и музички соработник на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје.

ВАЖНО ЗА ПУБЛИКАТА:

Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки:

- носење заштитни маски

- мерење телесна температура

- одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето

- дезинфекција

- влезот на публиката ќе започне во 19:00 часот

Согласно Протоколите заради регулирањето и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари.

Влезниците за настаните ќе се продаваат онлајн преку: kupikartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар.