МакеДокс 26.08

Десет лета „МакеДокс“

„МакеДокс“ не е само филмски фестивал. „МакеДокс“ е искуство. Тука се збираат различни светови, прегрнати од ѕидовите на вековечниот Куршумли-ан – безвременско место изградено за размена на добра и идеи, во срцето на Старата скопска чаршија. Кога ќе поминете низ портата, нема да влезете само во анот. Вие сте внатре во срцето на фамилијата „МакеДокс“. На прастарите камења лежат стотици дипли полни приказни. Криви превисоки скали, еден тон сеќавања, неописливо чувство на припадност, детска смеа, кучешки лаежи, пеењето на оџите, музика додека чекаме зајдисонце, диво зеленило надвиснато од покривот, првите ѕвезди во ноќта и првите сончеви зраци додека нè зазорува среде бесконечни муабети, многу љубов и смеа, бебиња, лубеници, турски чај, нови средби и врски, пријателства...Се среќаваме и на ачик ставаме што имаме да размениме и споделиме. Под смоквиното дрво паѓаат крупни, моќни зборови, а ноќните приказни се чинат бескрајни. Сето ова станува едно пред платното со креативни документарни филмови, под отворено небо. „МакеДокс“ значи една сила од мноштво човечки енергии и филмаџиски визии за светот во кој живееме. „МакеДокс“ го движат љубовта кон луѓето и вербата во нив. Тука несебично се отвора еден нов свет за публиката и одново се раѓа радост кај сите што придонеле во десетлетното постоење на овој фестивал. Креативните документарци нè водат на места каде што човек ретко може да појде. Тие се спој на нашиот копнеж за бегство од овој свет и живеење во нечиј друг свет, таму некаде… Нашиот симбол, кромидот, е баш како документарните филмови. Овие десет години и нашата приказна растеше во слоеви. Од еден слој во друг, се откривавме себеси и светот околу нас. Тамам ќе помислевме „толку е“, се појавуваше уште еден, нè чекаше уште едно откривање.

Радосни сме што и овој слoj е само предвесник на сè што ќе очудуваме заедно со вас.

Кромидот е нашето сонце, силата што нè носи напред.

Во животот постојат нешта што не треба да се испуштат.

Билетите можат да се набават онлајн на https://www.kupikartizase.com/category/makedoks и на влезот на Куршумли ан.

Билети за филмски проекции:

Вечерен билет за 2 проекции во Куршумли ан - 200 ден Единечен билет за 2-рата проекција во Куршумли ан - 150 ден Единечен билет за проекциите пред платото на Музеј на Македонија - 100 ден Единечен билет за проекциите во МКЦ - 50 ден