Фестивал на илузија
На 15 мај, во Универзалната сала ќе се одржи Фестивал на илузијата. Замислен како повеќечасовно дружење со илузијата, фестивалот е составен од официјална програма и предпрограма.
На платото пред Универзалната сала почнувајќи од 18 часот, седум илузионисти од Македонија – Меџик Роби, Мистер Магнус, Горјан Велковски, Хари Кацановски, Бенито, Мартин Грковски и Владимир Поповски ќе изведуваат магоничарски трикови и ќе ја воведуваат публиката во големото шоу.
Од 19 часот во рамки на официјалната програма ќе ги погледнеме Меџик Кристиан или македонскиот Дејвид Коперфилд кој пред домашната публика ќе изведе големи илузии, дел од репертоарот на Коперфилд и гостинот од Србија, двократниот балкански првак во илузија, популарниот маѓоничар Игор Трифунов со неговата асистентка Ана Димитријевиќ.
Репертоарот на илузиите се чува во строга тајност но, се знае дека од триковите ќе застанува здив. Публиката ќе има можност на сцената да ја види и македонската ѕвезда Елена Ристевска како жртва во една од големите илузии кои ќе бидат изведени.
Фестивалот на илузијата има за цел да го поттикне магоничарството како сценска уметност во земјава и да ги охрабри младите илузионисти во процесот на нивното надградување.
Настанот е од хуманитарен карактер. Собраните средства се наменети за реновирање на интернатот за деца со посебни потреби при Државното средно училиште „Св. Наум Охридски“ од Скопје.
Карти за фестивалот можете да набавите по цена од 150 денари на сите продажни места на Купи Карти За Се.
Дојдете ќе бидете маѓепсани!
Водители: Сашко Коцев,Марин Бабиќ
Гости: Елена Ристевска и балетско студио Мак Моделс
Гостин магионичар од Србија: Игор Трифунов