Global Game Jam Macedonia

magda global game jamМакедонската асоцијација за видео игри – МАГДА, под покровителство на Македонски Телеком по трет пат организира локации во Македонија кои учествуваат во глобалниот настан Global Game Jam – најголемиот колаборативен настан за изработка на видео игри на светот.

Како и претходните години, локации ќе има во Скопје и Битола, на кои се очекуваат околу 300 учесници кои ќе поминат 48-часовен викенд маратон во тимска изработка на видео игри. Во Скопје, настанот ќе се одржи во просториите на Сивус Едукативниот центар, додека во Битола настанот ќе се одржи во просториите на Бизнис Академија Смилевски.

Овие настани се организираат за да се промовира индустријата за изработка на видео игри во Македонија. На почеток од настанот, учесниците добиваат тема на која треба да бидат изработени игрите. Се формираат тимови од учесници со различни афинитети: програмирање, цртање, музика, моделирање во 3 димензии итн. Потоа тимовите работат без прекин во следните 48 часа, и на крајот демонстрираат пред публика што успеале да направат.

Ваквиот викенд стимулира креативност и истовремено овозможува учесниците да го доживеат процесот на креирање една игра, од проста идеја до финален производ кој треба да се презентира пред публика.

Минатата година, овој настан се одржа на 488 локации во 72 различни земји (меѓу кои и Македонија). Преку еден викенд беа направени над 4000 игри.

Оваа година, гејмџем ќе се одржи од 23 до 25 Јануари. Повеќе информации можат да се најдат на официјалната фејсбук страница Global Game Jam Macedonia.

Билети во предпродажба преку продажната мрежа на Купи Карти За Се и онлајн на нашата веб страна, по цена од 100 денари.