DE:SONANZ

festival za elektronska muzikaСо задоволство Ви најавуваме уште едно возбудливо издание на фестивалот за електронска музика и медиумска уметност de:sonanz. На 27 и 28 септември de:sonanz по петти пат ќе претстави врвни артисти од германската и македонската електронска музичка сцена со нивните аудио-визуелни перформанси, настапи во живо и диџеј сетови, филмска програма и една аудио работилница.

Фестивалот ќе биде отворен на 27 септември во 20 ч. во Кинотеката на Македонија со филмската програма Visual Music, која ќе ни покаже дека видео-клиповите се и остануваат место за реализација на новите иновативни комбинации на сликата и звукот и дека визуелната музика останува макрокосмос на медиумската уметност на 21 век. Оваа програма се реализира во соработка со Европскиот фестивал за медиумска уметност од Оснабрик.  

Истата вечер ќе имаме можност да ја проследиме и презентацијата на пиезо-работилницата „Контакт“ во чии рамки неколку локални артисти ќе создадат интерактивна звучна инсталација чии сонични можности ќе можат да ги испитаат и љубопитните посетители.  

На 28 септември во Сити хол центарот ќе имаме несекојдневна можност да го проследиме аудио-визуелниот настап на реномираниот германски артист Уве Шмит алијас  Атомтм за чија импресивна кариера зборуваат бројните изданија и соработки со познати светски артисти, како и разноликите и уникатни стилски експерименти што несомено му го обезбедуваат местото на пионер на електронската музичка сцена. Во Скопје тој ќе го претстави своjот последен албум „ХД“.

Со големо задоволство го најавуваме и гостувањето на уште еден исклучителен артист од германската електронска сцена Кенгдинг Реј кој на суптилен и ритмичен начин комбинира машини со „вистински инструменти“, вклопувајќи звуци, дисторзии, масивни бас линии, вокали и теренски снимки создавајќи техно музика со мрачна текстура, која секогаш се наоѓа на работ меѓу експерименталната музика и клупската култура.

Програмата ќе ја заокружат локалните артисти: Алавукс кој ќе се претстави со својот прв соло албум „Футура“, и Б.атл чија музика ги одразува неговите бројни и разновидни уметнички интереси и искуства.

Влезот на 27 септември е слободен, а билетите за главната вечер на 28 септември чинат 200 денари и ќе може да се купат на самиот влез.