Сон на летната ноќ

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” од Москва, на 22 и 23 септември на сцената на МНТ, ја претсавува претставата добитник на престижната награда „Златна Маска” за најдобра претстава за 2015 година - „Сон на летната ноќ" од Шекспир во режија на Иван Поповски.

Во оваа претстава сè е игра - театарска, љубовна, понекогаш по малку и наивна, понекогаш таква што наликува на најсложена шаховска партија. Понекогаш е лута, дури и опасна - таква што е подобро да се набљудува оддалеку. Понекогаш, пак, на детски начин едноставна - таква во која се вклучуваш сакајќи или несакајќи. Но, секогаш е жива и неверојатно занесна.

Во хаосот на играта, во ноќната опиеност, се отвораат границите на светот - огромен, необјаснив. Каде што дворецот на херцогот, па дури и самата Атина, е само малечка точка, не поголема од светулка во тревата. Каде што „постелата од мов“ мами со својата свежина, како ладникави чаршави. Каде возрасни мажи се губат во привлечноста на самовилите, а вљубените се губат едни со други, се вплеткуваат во живо клопче, дишејќи со љубомора, младост, страв и - љубов. Со неа, како со музика, како со волшебен сок, овде е проткаен и самиот воздух...

 

Доделувањето на престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава во Русија во 2015 година на „Сон на летната ноќ”, беше на некој начин официјализирање на реакциите на печатот и публиката што ѝ претходеа на наградата. Печатот едногласно ја прогласи претставата за извонреден театарски настан – „...во време кога се чини дека веќе ништо не предвидува радосна театарска игра, на публиката ѝ се случи ’Сон на летната ноќ‘ произведувајќи ефект на кислородна терапија за оние што се задушуваат... ”, и ја опиша како „дефинитивно исклучителна претстава и, најверојатно, пресвртница што ќе внесе нова надеж во скриените ресурси на театралноста, како кај Мастерскаја на Пјотр Фоменко, така и кај театарскиот систем во целина”.

Билети преку продажната мрежа на Купи Карти За Се, по цена од 500 денари.

Иван се враќа дома” е прв домашен фестивал на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој живее и работи во Москва.