Концерт на Дуо СолиПс

Концерт на Дуо „СолиПс“;
Елена Стојческа- флејта, Македонија/Франција;
Роман Петио-гитара, Франција

Предворје на црква Св.Софија

07.08.2020

21:00 ч.

Дуо „СолиПс“

 

Формирано во 2011 година, Дуото „СолиПс“ го сочинуваат флејтиската Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио. Настапуваат на сцените и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат : „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, Интернационалните фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класична музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел итн…

Камерниот состав флејта – гитара го привлекува вниманието на композиторите уште на средината од  20 век, од времето на Астор Пјацола и неговата „Историја на тангото“. Дуо  „СолиПс“ свири главно музика создавана во 20 и 21 век од страна на композитори како што се:  Доина Ротару, Масимилијано Месиери, Тору Такемицу, Венсан Еро, Лоренс Шеер или Едисон Денисов. Од друга страна Дуо „СолиПс“ исто така,покажува интерес за музиката која е инспирирана од фолклорот, па така посебно внимание им  посветува на делата од: Бела Барток, Душан Богдановиќ, Мирослав Тадиќ, Рави Шанкар. Во 2016 година премиерно го изведуваат делото „Љубовна песна“ од Масимилијано Месиери, композиција создадена и посветена токму за нив,  како и делото „Сон во сон“ за флејта, гитара, глас, вудблок и електроника. Американскиот композитор Лоренс Шер  делото „Капричиозо“ за флејта и гитара го посветува на дуото „СолиПс“.